Врачени уверенијата за новиот парламентарен состав

Во Државната изборна комисија (ДИК) денеска бea врачени уверенијата за новите пратеници избрани на предвремените парламентарни избори 2016.

img

Уверенијата им беа врачени на овластените претставници на коалициите и политичките партии кои освоија пратенички места, а не како досега лично на новоизбраните пратеници.

Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу мандати освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51, коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2. Нема да има народни избраници од дијаспората поради недоволен број гласови.

Се очекува Собранието попладнево да го соопшти датумот на одржување на Конститутивната седница, која треба да биде свикана најдоцна до сабота, 31 декември, на полноќ.

Конститутивната седница, според најавите, ќе ја свика и со неа ќе претседава претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски.

Нема информација дали на истата седница ќе бидат и избрани претседател и заменици претседатели на Собранието или само ќе бидат верифицирани мандатите на пратениците.

По конституирањето на Парламентот, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Доколку не формира влада, мандатот се враќа кај претседателот, а тој го предава на втората партија по број на мандати и постапката се повторува.

Објавено среда, 28 декември 2016 02:45:00



Барај

 

Последни вести